Актуелно
Приведени 11 лица во акцијата „Удар“
Во полициската акција „Удар“ денеска се приведени 11 лица, меѓу кои и претседателот на основниот суд-Куманово, а по едно лице се трага, информираше на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Митко Чавков.
Против 12 лица на возраст од 24 до 60 години, членови на организираната криминална група од Скопје, во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава за „злосторничко здружување“, „лихварство“, „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“, „криумчарење мигранти“, „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, и „злоупотреба на службена положба и овластување“.
При претрес на дом и помошни простории на шест локации одземени се четири патнички возила, меѓу кои два џипа „мерцедес“, еден „голф“ и една „шкода октавија“, кои не биле на нивно име и можно е да биле земени како залог. Запленети се и 2.550 евра и 200 франци, 14 мобилни телефони со сим картички, разни нотарски договори, договори за купопродажба и изјави од лица, како и друг вид документација.



