Актуелно
Прв уписен рок на универзитетите, слободни околу 25 илјади места
Вкупно 24.952 места се слободни на петте државни универзитети во Македонија за упис во прва година во академската 2015/2016 година. Пријавувањето на кандидатите во првиот рок е денеска и утре на универзитетите во Скопје и Охрид. На универзитетите во Битола и Штип пријавувањето почна вчера и ќе трае денеска и утре, на Државниот универзитет-Тетово првиот уписен рок ќе биде од 18-ти до 21 август.
На најстариот и најголемиот – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, слободни се 10.669 места, од кои 6.330 за редовни студенти во државна квота, 3.164 за редовни со кофинансирање на студиите и 1.175 за вонредни студенти. Вториот уписен рок на Скопскиот универзитет е на 3 септември, а третиот на 16 септември на факултетите на кои ќе има слободни места.
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола слободни се вкупно 3.803 места, од кои 2.090 за редовни студенти во државната квота, 965 за редовни со кофинансирање на студиите и 748 за вонредни студенти. Вториот рок за запишување на УКЛО е на 2-ри и 3 септември и третиот на 14 септември.



