Актуелно
Се отвори најголемата фабрика за ориз во Кочани – Левидиагро
Отворена е најголемата фабрика за ориз во Кочани. Станува збор за браунфилд (brownfiled) инвестиција на компанијата Левидиагро, инвестиција од Република Турција со почетен капитал од 4 милиони евра.
Компанијата каде ќе бидат директно и индиректно вработени над 100 лица, е најголем капацитет за производство на ориз во земјава. Фабриката е сместена во старите простории на Жито Ориз Кочани и поседува најсовремена технологија за производство на ориз со годишен капацитет од околу 30 илјади тони.
– „Македонскиот ориз има висок квалитет. Свесни сме за потенцијалот и инвестицијата е насочена за развој на оваа земјоделска гранка во Македонија. Со производниот капацитет покрај што ќе го снабдиме домашниот пазар со висококвалитетен ориз, уште и ќе ни овозможи да одговориме на потребите на европските пазари. Левидиагро се обидува да воспостави нови односи со земјоделците. Тука е нашата финансиска поддршка за земјоделските задруги и за нивно непречено функционирање. Вложивме средства во сопствена лабораторија за проверка на квалитетот на оризот, а наскоро започнуваме соработка со Институтот за земјоделство за заеднички контроли на квалитетот”, изјави генералниот менаџер на Левидиагро, Али Созер.



