Актуелно
Скопје блесна во полн сјај на Европската недела на градови во Брисел
Град Скопје во полн сјај блесна на 13-то издание на „Отворени денови – Европска недела на региони и градови” што деновиве се одржува во Брисел, а каде меѓудругото стана и првиот град од Западен Балкан што со Европската комисија ја потпиша „Зелената дигитална повелба” за користење на комуникациски технологии во справување со климатските промени.
Како што јави дописникот на МИА од европската престолнина, на овие отворени денови во Брисел, Град Скопје го претставуваше делегација предводена од градоначалникот Коце Трајановски, а во која беа и повеќе членови на Советот на Град Скопје и претставници на администрацијата на Град Скопје кои учествуваа на голем број предавања, дебати и работилници.
Со потпишување на „Зелената дигитална повелба”, од страна на претставници на Еврокомисијата и на Европските градови (Евроситис) и градоначалникот Трајановски, градовите се обврзуваат, преку соработка со другите градови-потписници, да преземат активности за намалување на последиците од климатските промени преку користење на информациските и комуникациските технологии за развој (ИКТ). Со овој проект, во кој Град Скопје е првиот од Западниот Балкан, а воедно еден од вкупно 46-те градови од 20 европски држави, предвидена е зголемена соработка со другите нејзини потписници и се предвидени меѓусебни посети, размена на идеи и искуства и имплементирање на проекти од оваа област.



