Актуелно
УХМР: Најмногу дожд во Скопската котлина, нестабилно и во текот на ноќта
Во невремето што зафати делови од државата до 20 часот најмногу дожд наврна во Скопската котлина 33 л/м2, соопшти вечерва Управата за хидрометеоролошки работи.
– Попладнево под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во западните и северозападните делови од земјава предизвика нестабилност проследена со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Со поинтензивен пороен дожд беа зафатени планинските делови, Мавровскиот регион, Шарпланинскиот масив и Полошката котлина. Во западните и југозападните делови од Скопскиот регион беше нестабилно со грмежи и засилен северен ветер кој на моменти достигнуваше брзина до 72 км/час, се наведува во соопштението.
Вториот бран на нестабилност во форма на долготрајно невреме, се посочува, ја зафати Скопската котлина. Невремето беше проследено со силен пороен дожд, силни електрични празнења како и засилен на моменти и силен ветер кој достигнуваше брзина од 72 до 80 км/час.


