Актуелно
Уште две недели возење со хартиени билети – ЈСП од 1 септември со целосна имплементација на „Скопска“
Нема да се одложи системот за електронска наплата во државните и приватните автобуси. Градот Скопје и ЈСП се подготвени во целост за имплементација на користењето на персонализираните и неперсонализираните електронски картички, пренесува Скопјеинфо.
Ова е ставот на градските власти, на само неколку дена пред истекот на рокот за стариот начин на плаќање во градскиот превоз. Во градскиот превоз веќе се вклучени апаратите за електронски билети, додека во приватните автобуси трае процесот на инсталација на потребната опрема.
Граѓаните од пред неколку дена не можат веќе од билетарниците да купат билет за десет возења. ЈСП ги повлече од продажба хартиените автобуски билети за десет возења, неколку дена пред целосната имплементација на системот за електронска наплата. Граѓаните што сѐ уште имаат хартиени билети ќе мора да ги искористат најдоцна до први септември, кога почнува и електронската наплата. Освен со електронска картичка, патниците ќе може да плаќаат во автобусите и со мобилен телефон.



