Вести
Уште пет кривични пријави за насилниот упад во Собранието
Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до Основно јавно обвинителство – Скопје денеска поднесе кривични пријави за уште пет лица за настаните во Собранието, за кои постојат основи на сомневање дека извршиле кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл 385 од КЗ на РМ.
Како што информира МВР, новите кривични пријави се поднесени врз основа на прегледани видео записи добиени од медиумски куќи, како и видео записи од безбедносните камери во Собранието на Република Македонија. Со тоа вкупно 20 лица добија кривични пријави за настаните што се случија во четвртокот на 27 април во Собранието на Република Македонија.
Кривично пријавени се лицата Д.П. (33) од Скопје, Т.Т. (53) од Куманово, В.Т. (40) од Скопје, И.С. (44) од Велес и В.Ц. (33) од Скопје, кои со употреба на физичка сила, насилно влегле во Собранието во време кога се одржувала прес-конферецијата за избор на претседател на Собрание при што со употреба на физичка сила и закани сториле насилства спрема луѓе и оштетиле имот.



