Вести
Вечерва цела Македонија потонува во мрак за Часот на планетата Земја!
Со едночасовно исклучување на светилките на повеќе од 60 локации низ целата држава вечерва Македонија ќе се приклучи во светската волонтерска акција „Часот на планетата Земја“, преку која ќе испрати порака за спас на планетата.
Централниот настан ќе се одржи на улицата „Македонија“, Порта Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Музејот на холокаустот, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, мостот „Око“, Мостот на уметноста и плоштадот „Филип Втори“. Во акцијата ќе се приклучат и скопските општини Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров. Во Охрид во мрак ќе останат Самоиловата тврдина, црквата „Канео“ и споменикот на свети „Кирил и Методиј“, а поддршка на акцијата најавиле и Прилеп, Кавадарци, Ресен, Струмица, Битола,…
– Веднаш по исклучувањето на осветлувањето во 20:30 часот присутните ќе можат да погледнат уникатен флеш моб перформанс со специјални светлечки ефекти, збогатен со осветлување на улицата „Македонија“ со свеќи во форма на 60+, кој е заштитен знак на планетата Земја, информира организаторот на акцијата Ѓорги Селков.


