Вести
Забрана за возила на Водно, за граѓаните бесплатен автобуски превоз
Почнувајќи од денеска, секој викенд и државен празник од 9 до 16 часот, ќе биде забрането движење на моторни возила на патот до Средно Водно. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов изјави дека целта на оваа забрана е да се заштитат природните убавини и просторот за рекреација на Водно.
Забраната ќе важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно. Оваа забрана не се однесува на автобусите на ЈСП Скопје, возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, возилата на штабовите за итни интервенции, како и на возилата со посебни одобренија.
Ќе биде обезбеден бесплатен автобуски превоз и бесплатен паркинг за граѓаните кои ќе се рекреираат на Водно. Со цел да им се излезе во пресрет во граѓаните кои се рекреираат на Водно, градските власти од денеска воведуваат бесплатен превоз на патници на автобуската линија број 25 (Транспортен Центар – Средно Водно) и бесплатни пробни линии 25 А (Авто Македонија – Средно Водно) и 25Б (Цветен Пазар – Средно Водно) за време на викенд (сабота и недела) и државен празник.




