22. Моден Викенд Скопје со македонски дизајнери и странски брендови (ФОТО)
Синоќа беше свечено отворена новата сезона на најкултното модно случување во градот. Пред многубројните новинари, јавни личности и љубители на убавиот дизајн во Јавна Соба, своите колекции ги прикажаа како познати имиња од домашната сцена, така и млади таленти за кои допрва ќе се слушне.
Дваесет и второто издание на настанот претставува заедничка соработка меѓу тимот на Моден Викенд Скопје и тандемот од агенцијата ONLYAFEW, со една и единствена цел – да им пружи максимална поддршка на креативните дејци во моментот, со внимателна селекција на учесници кои следат еколошки, занаетчиски и етички пристап во работата, позитивно влијаејќи на свеста на заедницата.
Во рамки на тридневниот поп-ап шоурум „Свесна Мода“, публиката сè уште има единствена прилика да го посети изложбено-продажниот салон во Јавна Соба и си купи уникатни креации на големи попусти од петнаесетмината македонски дизајнери и странски брендови, чиишто колеции се достапни по максимално поволни цени.





