Занимливости
НОВОГОДИШНИ ПОДАРОЦИ: Дали да им овозможите на децата се што ќе посакаат?
Новогодишните празници се волшебно време од годината, кое го минуваме со своите сакани, а секако за децата особена убавина претставува исчекувањето на подароците и новогодишните пакетчиња.
Некое во градинка, некое дома, секое дете му напишало писмо на Дедо Мраз со неговите желби. За жал празниците денес се комерцијализирани и децата се под влијание на рекламите, но и нивната околина. Родителите се растргнати меѓу потребата на детето да му ги исполнат сите желби, иако материјалната состојба не им е баш воодушевувачка. Сепак дури и доколку сте во состојба да го исполните сето она што детето го посакува, тоа во никој случај не би требало да го сторите.
Децата понекогаш треба нешто само да посакаат. Доколку им ја исполнувате секоја нивна желба, апетитот само ќе им се зголеми. Кога ќе пораснат нема да ја сфатат реалната вредност на парите. Доколку ги навикнете децата да им купувате се од листата, празниците ќе го загубат своето вистинско значење, а отворањето на подароците ќе се претвори во чисто „пребројување инвентар“.




