Занимливости
Со дефилето под маски напладне почнува Вевчанскиот карневал
Со традиционалното карневалско дефиле под маски денеска напладне официјално ќе почне Вевчанскиот карневал.
Двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во изминатата година ќе продефилираат низ вевчанските улици и ќе ги претстават своите маски. Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, а секое карневалско издание за вевчанци е доживување и инспирација за изработка на маска за следната година. Вевчанци ќе кажат се, но до последен момент до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.
Градоначалникот Цветомир Угриноски на прес-конференција нагласи дека Вевчани е подготвено за уште едно карневалско издание. Во вечерните часови, присутните ќе ги забавуваат Есма Реџепова и Наум Петрески, а на полноќ се најавува петминутен огномет. Настап ќе има и вевчанецот Перо Пешиновски до утринските часови, кога традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори каде полнат вода со која се прави вевчанскиот кашаник во кој се става паричката. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.




