Занимливости
Амбасадорката на САД се вклучи во проектот на Пивара Скопје за доедукација на младите за нивно полесно вработување
Во рамки на својата прва посета на Пивара Скопје, амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз се запозна со процесот и долгата традиција на производство на пиво, а беше и во обиколка на постројката која два пати го доби признанието дека ги произведува најдобрите Coca-Cola пијалаци на светот. На средбата со генералниот директор на Пивара Скопје, Дан Тимотин, амбасадорката се запозна и со тековните активности и вложувања на компанијата кои треба да го обезбедат нејзиниот натамошен одржлив развој, како и со реализацијата на проектите кои придонесуваат за просперитетот на заедницата, како што е програмата за бесплатни обуки за млади „Вештини за успех“, која веќе четврта година ја спроведува Пивара Скопје.
Генералниот директор на Пивара Скопје и амбасадорката на САД го посетија Едукативниот центар на компанијата каде се сретнаа со учесниците на 39-та сесија од обуките од програмата „Вештини за успех“. При тоа, амбасадорка на САД, со учесниците на обуката ги сподели своите лични искуства и совети со што придонесе тие да ги збогатат своите знаења и вештини кои треба да им овозможат полесно да најдат работа или да отпочнат сопствен бизнис, што е главната цел на овие обуки.
„Од почетокот на оваа година до сега 934 млади поминаа низ овие обуки, со што вкупниот број на учесници во оваа програма, што ја започнавме во 2016-та година, надмина 2600. Особено сме горди и нѐ радува што дури 36% од младите кои досега ги поминаа обуките во рамките на оваа наша програма многу брзо го пронајдоа посакуваното работно место. Сметам дека треба да бидеме задоволни од ваквиот резултат, како и од фактот дека секојдневно се зголемува бројот на млади лица кои сакаат да учествуваат во програмата. Сето ова нѝ влева дополнителна енергија, заедно со нашите партнери, да продолжиме да вложуваме во развојот на младите и преку тоа да придонесеме за зголемување на вработувањето и развојот на претприемништвото во земјата“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Дан Тимотин.





