
Занимливости
Ученици од Центар ќе бидат стипендисти на актерската школа на Весна Петрушевска
Со задоволство ја информираме јавноста дека од денеска започнува учебната година по актерска игра во Актерската школа на Весна Петрушевска.
Оваа година, актерската школа и КМК Продукција заедно со Општина Центар и компанијата Пакомак спроведуваат општествено одговорен проект, „Учиме преку актерска игра“, преку кој 12 талентирани ученици од територијата на Општина Центар ќе бидат стипендирани и ќе ја имаат можноста да се запознаат со магијата на актерската игра. За овие ученици ќе се отвори нов свет кој ќе им овозможи да се впуштат во имагинацијата и да уживаат во својата креативност. Предавањата во Актерската школа ќе влијаат и врз подобрување на дикцијата, литературно говорење, надминување на пречките при јавно говорење. Дополнително во ова време, кога младите својата комуникација најмногу ја извршуваат преку социјалните мрежи, овие предавања ќе им ја подобрат и комуникацијата лице влице.
Доколку здравствената состојба тоа го дозволи, како дел од овој проект, со нашите соработници од Македонскиот Народен Театар ќе реализираме и претстава во чест на писателот Горан Стефановски.



