Наука
Алармантно – микропластика пронајдена во снегот на Антарктикот!
Научниците за првпат детектираа микропластика во снегот на Антарктикот, што укажува на тоа дека загадувањето со пластични честички стигнало и до најизолираните делови на планетата.
Истражувањето, објавено во списанието „Science of the Total Environment“, покажало висока концентрација на микропластика – од 73 до 3.099 честички на литар снег. Научниците идентификувале различни видови пластика, меѓу кои полиамид (од текстил), полиетилен терефталат (од пластични шишиња) и синтетичка гума. Дел од честичките потекнуваат од локални извори, како облека и опрема во научните кампови, но дел се пренесени од далечни места преку воздухот и водата.
Ова откритие дополнително ја потврдува загриженоста за глобалното загадување со микропластика, кое веќе е пронајдено во морските организми, па дури и во човечкото тело. Научниците предупредуваат на потребата од итни мерки за намалување на пластичниот отпад и заштита на екосистемите.




