Интернет
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и ФИНКИ потпишаа меморандум за соработка
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, потпишаа меморандум за соработка, со цел заеднички да придонесат кон развојот на е-трговијата и развивањето на способностите, дигиталната писменост и градењето на капацитети во секторот за е-трговија во Република Македонија.
Меморандумот за соработка, што воедно претставува и пристапување на Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство во почесно членство во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, го потпишаа претседателот на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска и деканот на ФИНКИ, проф. Д-р Иван Чорбев.
Потписниците на Меморандумот, соработката ќе ја остваруваат преку споделување на релевантни информации од областа на е-трговијата, заеднички ќе придонесуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата за потребите на корисниците на услугите, како и преку споделување на тековни и нови искуства, релевантни за областа на дејствување и соодветната целна група.



