Наука
Отворен ИНОФЕИТ – спој на академското образование и индустријатa
Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) денеска го отвори Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ чија цел е да ги спои образованието и индустријата и да биде интеракција меѓу кадарот на ФЕИТ, неговите студенти и индустриските партнери.
Деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски истакна дека идејата им е компаниите, професорите и студентите во Центарот да развиваат нови производи и услуги и да вршат трансфер на знаење од научни и истражувачки резултати во прототип кој индустријата може да ги доработи до ниво на производ со минимален технолошки ризик.
– На овој начин може да се создадат нови производи и услуги со значителна додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на меѓународниот пазар. Од друга страна, преку соработката со индустријата сакаме да влијаеме и на начинот на изведување на наставата и подготовката на студентите. Сакаме да го донесеме реалниот сектор поблиску до студентите, особено до студентите на магистерски и докторски студии. Наместо на симулации да работат на реални проблеми, кои бараат интердисциплинарност и тимска работа. На овој начин, студентите ќе ги подобрат своите знаења и вештини, што секако ќе ја подобри нивната конкурентност на пазарот на трудот, рече Ташковски.




