Образование
Наближува јубилејното 10. издание на Студентската конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“
Јубилејното десетто издание на Студентската конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“ (СКЕЕОР) ќе се одвива од 26 до 29 октомври во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје и предвидува разнострана програма.
Главниот фокус се научните трудови изработени од страна на домашни и странски студенти чија специјалност е енергетиката, енергетската ефикасност и одржливиот развој. Покрај презентацијата на научните трудови, ќе се одржат и пленарни предавања чии етаблирани предавачи ќе бидат професори, истражувачи и останати експерти од областите во фокус. Дополнително, конференцијата ќе им овозможи на заинтересираните средношколци да ги посетат лабораториите на Факултетот и преку практичен предизвик да ја осознаат инженерската дејност. За крај, конференцијата ќе го поврзе академскиот со бизнис секторот преку запознавање на учесниците со работата на најзначајните фирми и претпријатија од засегнатите области.
Од особено значење е што токму јубилејното десетто издание на СКЕЕОР ќе се одвива во 2022 година – Европската година на младите – потврдувајќи ја важноста на вклучувањето на амбициозните млади лица во модерните предизвици како што се енергетската ефикасност и одржливиот развој.






