Интервју
Дуке Бојаџиев: „Чувствувам посебна возбуда поради тоа што треба да настапам пред македонската публика“
Авалон продукција со огромно задоволство го најавува својот прв голем проект за 2016-та година- концертот на нашиот композитор, пијанист и продуцент со светско реноме, Дуке Бојаџиев, насловен „Дуке и пријателите“, кој ќе се одржи на 20 февруари, со почеток од 21 часот, во арената „Метрополис“.
Ова ќе биде прв голем концерт на Дуке Бојаџиев во Скопје, по успешното претставување во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк, кулминација на сета негова досегашна концертна работа, зачинет со врвни музички гости, поезија и камерен оркестар.
Овој пат Дуке пред домашната публика ќе се претстави во малку поинакво издание, поразлично од досегашните, заедно со неговите пријатели и соработници: гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, најголемата македонска ѕвезда Каролина Гочева, легендарниот актер Никола Ристановски, светски познатиот кларинетист Исмаил Лумановски, светски реномираната пејачка Тања Царовска и перкусионистите Матијас Кунзли и Костас Анастасијадис – сите придружувани од камерен оркестар, под диригентство на маестро Саша Николовски- Ѓумар. Специјално за овој концерт, Дуке Бојаџиев и пријателите ќе бидат облечени во костими дизајнирани од Тања Кокев.







