Сцена
Холивудска премиера на „Пајни: осамената елка“ – анимиран филм на кој работеше македонското студио „В Хаус анимејшн“
Во Волф театарот, во рамки на реномираната Академија за телевизиски уметности и науки, и пред гости од светот на филмската индустрија, својата премиера ја имаше анимираната приказна „Пајни: осамената елка“. За овој краткометражен филм, комплетната анимација, продукција и пост-продукција ја изработи македонската компанија „В Хаус Анимејшн“ по сценарио и режија на познатиот холивудски тандем Тимоти Хутен и Тод Едвардс.
– Со компанијата Hardy Howl, поточно со режисерите Тимоти и Тод, имаме повеќегодишна соработка на различни проекти. Конкретно, договарањето за Пајни, почна многу порано, но поради претходни ангажмани на нашата компанија, мораа да нè почекаат за формално да ја почнеме реализацијата, која траеше 9 месеци. После стотици часови поминати онлајн, на релација Скопје – Лос Анџелес, беше вистинско задоволство што можевме да го видиме финалниот производ, на големото платно, директно во Холивуд. Навистина сме горди на честа и вниманието кои ни беа укажани на премиерата и по неа, и е вистински успех да се види името на нашето студио, и на нашите артисти од Македонија, рамо до рамо со докажаните холивудски филмски креатори – вели Дамјан Митревски, извршниот директор на „В Хаус Анимејшн“ од Скопје.
Приказната во „Пајни: осамената елка“ го следи необичното пријателство на 9-годишната Џорџи и нејзината омилена елка Пајни, чија единствена желба е да биде празнична, новогодишна елка во домот на девојчето. Кога Пајни по грешка ќе биде ставен во следната празнична пратка, Џорџи и нејзиниот дедо, ги поминуваат сите места со новогодишни елки, во обид да го најдат Пајни пред празниците да завршат.




