Интервју
Димитар Атанасовски: „Два пати бев со Сара кога се пораѓаше, тоа што помина никогаш не би можел да го издржам“
Димитар Атанасовски повеќе од петнаесет години е дел од јавната сцена. Публиката го запозна како водител на емисијата „Тротоар“, работи во Сити радио и скоро и да нема фестивал и манифестација во Македонија на која не бил водител. Пет години е во брак е со пејачката и харфистка Сара Мејс, со која има две деца.
Димитар е еден од ретките мажи кои два пати присуствувал на раѓањето на децата. Иако денес му е забавно да зборува за денот кога се роди синот, призна дека кренал паника кога на Сара ѝ пукнал водењакот среде детски роденден.
„Сара само смени боја, а јас почнав да паничам. Тргнавме накај болница, мислев тоа е тоа, детето ќе се роди во кола. Сара ме смируваше дека има време и дека не оди сè така брзо. Па ја оставив неа во болница, ја однесов Илина дома, го прошетав и кучето и стигнав на време да влезам во породилната сала. Додека гледав сфатив дека тоа што го поминува жената кога се пораѓа, јас никогаш не би можел да го направам“, искрен е Димитар.




