Интервју
Халид Бешлиќ во Скопје: По осмата чашка, сфативме дека „Ја без тебе не могу да живим“ ќе биде хит
Не постои седенка во кафеана, свадба, собир без песните на легендата на народната музика Халид Бешлиќ. Конечно, првпат во Скопје ќе има голем концерт на 26 ноември кога пред скопската публика ќе ги отпее своите најголеми хитови. Иако неодамна имаше сообраќајна несреќа, а пред две години операција на срцето, вели дека се чувствува добро и дека ќе пее додека е жив.
„Ми вградија два стенда. Јас не ни одев на лекар претходно, ама почнав да чувствувам замор. На последниот концерт пеев седнат на стол. Е, потоа ми открија затната артерија и веднаш во болница, ме ставија на апарати. Операцијата помина во ред и еве ме, фала богу, добро сум“, открива Бешлиќ за „Репортер“.
За него велат дека е едноставен човек кому ниту славата ниту парите никогаш не го смениле сите овие години. „Ја сум таков по природа. Однесувањето си го носам според домашното воспитување, од селото од каде што сум дојден на границата со Романија. Дојдов како тинејџер во Сараево, ги прифатив правилата на градот и сфатив дека кога ќе расчистиш со себе и со докажувањето, можеш да бидеш едноставен човек и покрај популарноста“.




