Интервју
КРИСТИНА АРНАУДОВА: „Детето што сакавме да го посвоиме со мајка ми никогаш не стигна во Македонија“
Поп-рок пејачката Кристина Арнаудова веќе шест години се занимава со хуманитарна мисија, а преку „Проектот среќа“ досега им е помогнато на многу деца од социјално загрозени семејства.
Речиси една година работи и на „Проект куќа со Кристина“, емисија во која таа е автор, водител, продуцент, организатор, буквално сѐ. Вели и да ѝ е тешко, не се откажува од идејата да ги средува домовите на социјално загрозените семејства. Во план им е да средат 16 дома и, конечно, проектот ќе оди на телевизијата „Телма“.
„До сега направивме шест дома. Но, работите одат полека. Нонстоп сум со списоци и пресметки во главата, како и од каде да најдеме пари за реновирање. Кога ќе се направи процена за домот што сакаме да го реновираме, јас избирам материјали и сè што е потребно, од бои и лакови, ламинати, паркет, сѐ што треба“, раскажува Арнаудова и додава: „Сакам да ги поттикнам сите да се вклучат во ова. Еден ќе даде за покрив, друг за прозорци, трет за ламинат. Да ги отвориме срцата и ако секој даде малку, ќе направи многу. Нема поголема радост од среќните лица на луѓето кога ќе влезат во новиот дом“, раскажува Кристина за „Репортер“.




