Интервју
Симона Трповска собори рекорд во нуркање: „Имав блиска средба со ајкула на 102 метри длабочина во Црвено море“
Охриѓанката Симона Трповска е првата Македонка која успеа да го постигне рекордот во техничко нуркање од 102 метри во длабочина на Црвено море во Египет. Трпковска подвигот го направи лани во декември. Таа имала интензивна подготовка една година. Работела со искусниот инструктор Ахмед Габр од Египет и била поддржана од тимот на „Габр Тек“. По тренинзите на различни локации во светот, таа се стекнала со Меѓународен сертификат за техничко нуркање до 100 метри. Симона е рекреативен нуркач од 2007 година.
Живеењето во Охрид и нуркањето во езерото и било основа за денес да го постигне овој рекорд.
„Започнав да нуркам, по иницијатива на татко ми заедно со брат ми. Секогаш кога имам време одам на нуркање во Охридско езеро. Нуркањето во море и езеро не е исто бидејќи во солената вода балансот е поинаков отколку во езеро. Во езеро е секогаш потешко да држиш баланс, бидејќи ја нема солта да те држи на одредена длабочина“, рече Симона и додаде дека најдобра дестинација за нуркање во Охрид е Трпејца.




