Интервју
Бисера Чадловска, прва жена диригент: „Ѕвонење на мобилни и шушкање во публика нè вади од фокус среде настап“
Бисера Чадловска е првата жена диригент во нашата земја и прва жена диригент вработена во Националната опера и балет. Има диригирано над 50 наслови на оперски и балетски претстави, но бројот на диригирани претстави е дури над 500-тини. На 24 февруари во НОБ прославува 20 години од нејзината кариера како диригент со операта „Боеми“ од Џакомо Пучини.
Уште во средношколските денови Чадловска сакала да стане диригент иако свирела на пијано.
„Јас тука започнав како хор мајстор. Прво работев со хорот, понатаму една по една се нижеа претставите. Мислам дека првата претстава што ја диригирав беше „Лилјакот“, тоа беше претстава за училишна програма. Потоа имав една премиера која јас за првпат ја поставив, тоа беше „Таен брак“, опера која јавноста не ја познава добро. На таа премиера дојдовме многу млади луѓе, колеги пејачи кои за првпат се појавија на сцената“, раскажа Чадловска за Репортер.




