Мајските оперски вечери во знакот на Верди
Националната опера и балет традиционално по 47 пат, го најавува меѓународниот фестивал на оперската уметност „ Мајски оперски вечери“. Свеченото отворање е на 9 мај а фестивалот трае до 31 мај. За време на фестивалот се изведуваат некои од најубавите оперски претстави, како и една балетска претстава а учествуваат реномирани домашни и светски режисери, диригенти, кореографи, оперски и балетски солисти.
Оваа година, на големо задоволство, 47 Мајски оперски вечери свечено ке се отворат на 9 мај и ќе се затворат со премиера на Аида, магичното ремек дело на Џузепе Верди. Спојот на традицијата со визуелната иновација, футуристичката виртуелна сценографија ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта. Италијанскиот диригент Енрико Довико ја има честа да ги отвори Мајските оперски вечери со премиерната изведба на Аида во продукција на Театарот Карло Феличе од Џенова, Италија. Режијата ја пренесува и адаптира Дејан Прошев, кореографијата е на Луиза Балдинети додека асистент кореограф е Саша Евтимова. Во главните улоги ќе настапат Благица Поп Томова како Аида, Амади Лага (Франција/Тунис) како Радамес, Ирена Кавкалевска како Амнерис и Борис Трајанов како Амонсаро. Улогата на Рамфис ке ја толкува Владимир Саздовски, додека во улогата на фараонот ќе настапи Евгениј Станимиров од Бугарија.
Лебедово езеро на Петар Илич Чајковски, бисерот на балетската уметност, легендарниот и еден од најубавите балети во класичната уметност ќе биде изведен на 12 мај. Во улогата на Одета и Одилија, белиот и црн лебед ќе настапи Маја Махатели од Грузија, додека во улогата на принцот Зигфрид ќе настапи Артур Шестериков од Русија, двајцата првенци на Холандскиот национален балет, со голема балетска кариера. Во улогата на Ротбарт ќе настапи Давиде Буфоне од Италија. Диригент е Бисера Чадловска, кореографијата е на Виктор Јаременко од Украина, сценографијата на Андреј Злобин додека костимографијата е на Гана Ипатиева. Националната првенка на Хрватска Ирена Пасариќ, како главен репетитор и педагог, задолжена е за подготовките и пробите на балетскиот ансамбл.




