
МК Сцена
Скопје играше до доцна во ноќта: Францускиот диџеј Хугел направи спектакл во „Борис Трајковски“
Скопје викендов беше дел од светската електронска сцена. Францускиот диџеј Хугел приреди вистински музички спектакл во салата Борис Трајковси, каде илјадници фанови танцуваа и пееја на неговите најголеми хитови.
Енергијата во салата беше на максимум, а младата публика – меѓу која доминираа девојки – со часови уживаше во сетот на диџејот од Марсеј, кој во последните години се вбројува меѓу најпопуларните имиња на светската електронска сцена.
Во еден од најенергичните моменти на вечерта, Хугел го развиори и македонското знаме на сцената, што предизвика огромен аплауз и уште поголема еуфорија меѓу публиката.
За време на настапот, на големите екрани се појави и една од неговите пораки која го отсликува неговиот животен став:
„Го живеам животот како секој ден да ми е последен на оваа планета“.
Токму таа филозофија се чувствуваше и во атмосферата – динамична, еуфорична и полна со емоции.
Публиката дел од шоуто
Она што е карактеристично за настапите на Хугел е блиската комуникација со публиката. Дел од фановите, како и на неговиот минатогодишен настап на стадионот Билјанини извори, имаа можност да бидат на самата сцена, веднаш до диџејот, што дополнително ја зголеми атмосферата.
Скопската публика одлично ја препозна неговата позитивна енергија, а насмеани фанови си заминуваа од концертот пеејќи ги неговите песни.
Кулминација со големиот хит
Најголемата еуфорија во салата се случи кога започна хитот I Adore You, кој има повеќе од 159 милиони прегледи на YouTube. Во тој момент целата публика пееше и танцуваше, создавајќи атмосфера како на светските клубски сцени.
Од тинејџер со соништа до светска ѕвезда
Хугел започнал да пушта музика уште на 16 години. Неговата страст кон електронската сцена се родила под влијание на легендарните Daft Punk, Carl Cox и Laurent Garnier.
Денес неговите песни имаат над една милијарда стримови на дигиталните платформи, а неговите настапи редовно ги полнат клубовите и фестивалите ширум светот – особено на легендарната клубска сцена на Ibiza.
Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.



