Сцена
Мими Марковски: „Си го сакам југото повеќе од мене, прекрасна убавица е!“
„Нешто конкретно“ оваа недела со тема – комплекси. Како се излегува на крај со искомплексираните и дали воопшто е можно да се случи тоа? Со кого е потешко со мажите или со жените, со оние на функција или со оние кои не се баш моќни, со оние со најјака кола или со оние кои возат нешто поевтино?
Наши гости овојпат битолчани, а тие ќе одговорат дали фрустрациите доаѓаат одвнатре или некој од надвор ни ги наметнува. Михаил Мими Марковски, Владимир Дади Ивановски, Душан Кузевски и Никола Тргачевски Кумба, сите дел од „Солзи и смеа“ дојдоа со југо, а попатно имаа време да смислат песна за роденденот на водителката Снеже Велков.
Кумба смета дека комплексите се создаваат поради тоа што во неговото опкружување сѐ уште на луѓето им е многу битно што ќе каже другиот за нив. За себе смета дека нема никакви комплекси, па се пошегува дека му рекле оти чевлите му се многу грди, но тој сепак дошол во емисија со нив. Далеку со размислувањата не се ни неговите соговорници и пред се пријатели, за нив комплексот не постои, но затоа туѓите ги ловат како риби. Оваа четворка ќе ве изнасмее со своите примери за искомплексираните ликови во нивното опкружување. Тие дури им имаат дадено надимак на таквите – Комплексо.





