Настани
Акустичен концерт на Ману Чао во Скопје
Во склоп на програмата на ТАКСИРАТ фестивал, МАНУ ЧАО пристигнува во Скопје со акустичен концерт кој ќе се одржи на 26 септември со почеток во 20:00 часот во Младинскиот Културен Центар!
Француско-шпанскиот уметник Ману Чао е култно име на бунтовната музика и еден од најважните гласови на музиката на светот, а привилегија на публиката на Таксират е што во својата мапа на секогаш внимателно избрани места за свирење големиот Ману Чао упорно инсистира на Скопје! Имено, неговиот прв настап во Македонија се одржа во 2002 година и остана запаметен како еден од најдобрите што ги има видено македонската публика. Од тој посебен момент Ману Чао важи за другар на Таксират, на Скопје и Македонија, а секое негово навраќање кај нас носи обострана неизмерна радост, како што впрочем и самиот напиша во најавата за овој концерт.
Во својата музика тој спојува различни култури и влијанија, панк, рок, ска, реге, салса и традиционални песни во кои го пренесува пркосот кон предизвиците на денешниот свет; од имиграција до консумеризам и глобализација. Од основањето на славната група „Мано Негра“ во 1987 година до денес, Ману Чао е уметникот кој ги наполни дури и најголемите стадиони ширум светот, продаде милиони албуми и сними безброј хитови кои се искачија на врвот на топ листите, особено во земјите од Европа и Латинска Америка, како што се „Clandestino“, „Bongo Bong“, „Me Gustas Tu“, „Mala Vida“ и многу други. Тој е револуционерно продорен и подеднакво мирољубив музичар, пејач, гитарист, текстописец, полиглот, патник и активист кој го започна латинското алтернативно движење во 80-тите и ги надмина музичките стилови и географските граници во неговата музика. Без разлика дали тој настапува со „Мано Негра“, „Радио Бемба“ или „Ла Вентура“, атмосферата и енергијата на неговите концерти се практично неспоредливи.




