Белградската филхармонија ќе гостува во Скопје
Еден од најдобрите оркестри на Балканот, Белградската филхармонија, на 9 октомври во 20 часот ќе гостува во Филхармонија. Диригент е маестро Габриел Фелц (Германија), а на програмата е Симфонијата бр.6 од Густав Малер.
Основана во 1923 година, Белградската филхармонија денес се позиционира како најдобар оркестар во регионот и ансамбл кој претставува освежување на меѓународната концертна сцена. Според светските медиуми, Белградската филхармонија е култен српски оркестар (Financial Times), еден од водечките европски оркестри (Independent), оркестар кој гледа само напред (Washington Post) и ансамбл кој со себе носи голема доза наследство и гордост (New York Times).Специфичниот имиџ,како резултат наинвентивните уметнички концепти и креативниот маркетинг, влијаеше на препознатливоста на оркестарот. На тој начин Белградската филхармонија набрзо привлече многу познати имиња од класичната музика кои ја дадоа својата поддршка за нејзиниот понатамошен развој. Меѓу нив особено се издвојува повеќедецениското пријателство со ЗубинМехта, кој редовно одржува добротворни концерти со оркестарот. Белградската филхармонија е прв оркестар во регионот, но и пошироко кој ги започнува своите концертни сезони со комплетно распродадени билети. Шеф-диригент на Белградската филхармонија од сезоната 2017/18година е Габриел Фелц, а главен гостин-диригент е Даниел Рајскин. Во последните неколку години, оркестарот имаше забележливи меѓународни турнеи и гостувања во Италија, Германија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Франција, Словенија, Хрватска, Оман… Најважниот интернационален ангажман во новата историја на овој оркестар е првата турнеја во САД која опфати настапи во Чикаго, Кливленд, Вашингтон и во њујоршкиот „Карнеги хол“, во октомври 2014 година. Од поновите меѓународни успеси се издвојува гостувањето во Москва, во престижната сала „Чајковски“, во септември 2016 година, како и двата многу успешни настапи во Музик ферајн во Грац, во 2018 година.
Белградската филхармонија во 2017 година, започна традиција на концерти на отворено кои бележат историски успех и се едни од најголемите од областа на класичната музика на Балканот. Повеќе од 30 илјади луѓе присуствуваа на првиот концерт кој го водеше шеф-диригентот Габриел Фелц, а како специјален гостин настапии познатиот Зубин Мехта.




