Галантна Индија – прв концерт во вториот дел од сезоната
Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи првиот концерт во вториот дел од концертната сезона, насловен „Галантна Индија“. Диригент е маестро Габриел Бебешелеа, а како солистка ќе настапи ЕлишијаСилверштајн, една од најзначајните млади американски виолинистки.
На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр.9 од Жозеф Болоњ (Шевалие де Сан Жорж) и Оркестарската свита од операта балет „Галантна Индија“ од Ж.Ф.Рамо.
Жозеф Болоњ, Шевалие де Сан Жорж (1745 – 1799) е француски композитор, виолинист и диригент на Парискиот симфониски оркестар. Болоњ ѝ бил учител по музика и на Марија Антоанета. Неговиот музички опус бил инспириран од музиката на Волфганг Амадеус Моцарт, па затоа историчарите го нарекуваат „црниот Моцарт“. Концертот за виолина и оркестар бр. 9е дело во кое се впишани основните параметри типични за музиката на овој оригинален француски композитор, тој е мешавина од барокот и класицизмот, фузија на придобивките од епохата во која живеел.




