Настани
Хрватската турнеја на Националниот џез оркестар и Рамбо Амадеус ја запали публиката и медиумите: Уметничка изведба со епско значење
Делириум во Сплит, Еуфорија во Шибеник, НЏО и Рамбо го разбудија Вис се само дел од насловите кои ги објавија хрватските медиуми за време на турнејата на Националниот џез оркестар, кој го нарекоа и „најлудиот оркестар на Балканот“.
Рекордно продадени концерти, изблици на еуфорија, громогласни аплаузи, бројни осврти и написи во хрватските медиуми ја означија првата официјална интернационална турнеја на Националниот џез оркестар кој настапи со Рамбо Амадеус на три престижни концертни сцени на хрватското приморје. Долго ќе се памети концертот во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот, која ретко и инцидентно ја отстапува сцената за жанр, поинаков од класичниот. Видеата сведочат за неколкуминутни стоечки овации на публиката која во Сплит ги повикува музичарите на бис, а музичката критика овој настап го оцени како ексклузивен кој можеби никогаш не се случил на оваа сцена.








