Настани
Концерт на Воениот оркестар на Армијата на ДММ 2024
Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ со особена радост го најавува почетокот на 47-мото издание на фестивалот на современа музика „Денови на македонска музика“, во неговиот традиционален пролетен термин, со концертот на Воениот оркестар на Армијата, под диригентско водство на мајор Горан Илијевски.
На програмата на свеченото отворање се дела за воен оркестар од македонските автори Благој Цанев, Горан Илијевски, Живојин Глишиќ, Михајло Штерјев, Томе Манчев, Илија Илиевски, како и композиција за дувачки оркестар од Густав Холст.
Воениот оркестар во состав на баталјонот за Почести е единствен професионален дувачки оркестар од ваков карактер во државата, чија мисија е учество на протоколарни активности и воени свечености во организација на Армијата и на највисоките државни институции. Формиран е во 1944 година, во првите децении опстојува во рамките на поранешната ЈНА во состав на третата армиска област во Скопје, а по осамостојувањето на државата прераснува во голем дувачки оркестар и претставителен сегмент на Армијата. Оркестарот реализира повеќе концерти во склоп на активностите на Армијата и во соработка со локалните самоуправи во повеќе места во државата, но и редовно ја претставува на меѓународен план.






