Настани
Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ ќе го затвори престижниот фестивал на класична музика „Раванелиус“ во Србија
Во сабота, 8-ми јули, македонскиот камерен оркестар Профундис ќе настапи на еден од најпрестижните фестивали за класична музика во регионот – „Раванелиус“ во Ќуприја, Србија. Ова учество е посебно и значајно, бидејќи Профундис ќе биде дел од затворањето на овој врвен музички фестивал.
Реномираниот камерен оркестар Профундис е единствениот македонски претставник на овој фестивал, а на сцената заедно со нив како солист ќе настапи извонредниот српски кларинетист Огњен Поповиќ, исто така познат како виртуоз во своето музичко творење.
– „Ова е само еден од настапите кои уште еднаш го потврдуваат трудот, вредната посветеност и љубов која ја посветуваме во нашето творење и навистина со голема чест ја прифативме поканата на организаторите да настапуваме на затворањето на фестивалот на музички извонредности – Раванелиус и да ја делиме сцената заедно со најпознатниот српски кларинетист Огњен Поповиќ.“ – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.




