Настани
Модната еволуција на Скопје – спојување на стилот и одржливоста на 27. издание на Моден викенд Скопје
Големиот моден викенд во Скопје (FWSK), традиционално доаѓа во својот термин на стартот на есента, што ќе значи уште едно надминување на конвенционалните граници на стилот. И за ова 27. издание продолжува тенденцијата организаторот да става акцент на темата која одамна тој тим ја лоцира како релевантна, а тоа е одржливоста под слоганот „Улогата на заедницата во свесен дизајн и мода“.
Од 28-ми до 30-ти септември, FWSK ќе го трансформира комплексот Urban Garden во скопскиот Аеродром во раздвижен центар на модата и креативноста. Сепак, ова нема да е само полигон за прикажување на најновите колекции од младите дизајнери за оваа сезона. Тридневната екстраваганција има намера да поттикне значајни разговори, поставувајќи покрај модната писта и простори за работилници, уметност, проекции на филмови и ангажирани разговори кои навлегуваат од интересен агол во актуелната тема за одржливоста во модното царство.
Напорот на FWSK не е само да презентира, туку да ја едуцира, инспирира и придвижува заедницата кон поодржлива иднина. Со нудење на спој на модни ревии, експериментални колекции и необични простори за излагање, FWSK има за цел не само да ја истакне убавината и уметноста на дизајнот, туку и да ја нагласи колективната одговорност на модната индустрија кон нашата планета. Овој настан е етаблиран повик за акција, потсетувајќи ги сите вклучени – од дизајнери до потрошувачи – на критичната улога што ја играат во обликувањето на иднината.





