Настани
Национален џез оркестар со концерт „Џез лектира” – осврт на работата на „кралот на свингот” Каунт Бејси
Последниот проект на Националниот џез оркестар носи наслов „Џез Лектира“ и претставува навраќање на биг бенд ерата, позната и како ера на свингот. Овој период претставува значаен период од музичката историја во кој популарната музика во САД доживува своевидна трансформација. Големи ансамбли, пишани аранжмани кои се истакнуваат наспроти спонтаните солирања, доминација на свинг ритамот, наплив на иновативни композитори, се дел од карактеристиките на оваа ера која го доживува својот врв во периодот од 30-тите до средината на 40-тите години нa 20-тиот век.
Во тој период се истакнува една група музичари кои како лидери на своите биг бендови прават вистинска револуција во џез музиката во тој период, меѓу најважните имиња во биг бенд ерата се вбројуваат Дjук Елингтон, Бени Гудман, Глен Милер, и секако Каунт Бејси.
Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, кој е познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично.





