Настани
Новогодишен гала концерт на Македонската филхармонија
Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи традиционалниот новогодишен гала концерт насловен „Исток“ (арх.-извор). Диригент е Миријан Кукунаишвили (Грузија), а како солисти ќе настапат сопранистката Милена Арсовска (Македонија/Австрија) и баритонот Иван Наумовски (Македонија/Австрија).
На програмата се дела кои имаат типично „новогодишен“ концепт, а валцерот како музичка форма ќе биде составен дел од овој концерт. Публиката ќе има моженост да чуе дела од Штраус, Чајковски, Лехар, Лумбије, но и посовремени музички толкувања на темата валцер како „Валцерот на Амелија“ на Јан Тирсен од филмот „Чудесната судбина на Амели Пулен“, „ Маскарада валс“ на Арам Хачатуријан, „Валцер за збогување“ на Алфред Шнитке и др.
Откако дипломирал на Државниот конзерваториум во Тбилиси, маестро Миријан Кукунаишвили ги завршил и магистерските студии по оркестарско диригирање на Академијата за музика во Краков, Полска, каде што моментно е на докторски студии. Често посетува мастеркласи кај познати диригенти и е добитник на голем број престижни стипендии во Грузија. Редовно добива покани да диригира на грузиските национални фестивали и, секако, активен е како диригент и со Државната опера и балет на Грузија, Националната филхармонија, Државниот симфониски оркестар на Тбилиси, Грузискиот државен камерен оркестар „Синфониета“, оркестарот на Академијата „Бетовен“ во Полска, Грузискиот национален хор… Во 2016 и 2017 година беше шеф-диригент на Студентскиот оркестар на Тбилиси.







