Од 2-9 јуни ќе се одржи деветиот по ред Викенд на гордоста – Скопје
Од 2 до 9 јуни ќе се одржи деветиот по ред Викенд на гордоста Скопје, фестивал за квир култура, уметност и теорија, во Музејот на современа уметност, КСП ЈАДРО и кафе барот Шортбас.
Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е НАСТРАНО ЗАЕДНИЧКО: Политики на пријателство, љубов и афекти. Со оваа тема целиме да ги поставиме во центарот на квир политичките, социјални и културни ориентации прашањата поврзани со мислењето, дистрибуцијата и втемелувањата на заедничкото и заедничките добра (the common/s). На заедничкото и заедничките добра ќе им пристапиме преку критичко истражување на нормативните претпоставки за пријателство, љубовта и емоциите врамени во хегемонската хетеронормативност и машките политички имагинации, како и нивните импликации за нашите социо-политички хоризонти. Фестивалот, исто така, се стреми да понуди и алтернативни форми на замислување, пракса и отелотворување на заедничкото и политиките на пријателство и љубов, тргнувајќи токму од структурната позиција на маргините, како и социо-културни и интимни практики и инфраструктури за грижа, поддршка и заедничарење во квир и феминистички заедници и мрежи.
Овогодишниот фестивал го отвораме на 02 јуни, во 20:30ч во МСУ, со ретроспективна изложба ЗАСЛЕПЕН ОД ЉУБОВ на ФРАНКО Б, еден од најзначајните современи перформанс и визуелни уметници во светот. Својата уметничка работа не ја одделува од животот, а неговите дела балансираат меѓу изолацијата и заведувањето, наклоноста и конфронтацијата, страдањето и еротицизмот, панкот и поезијата. Настојува неподносливото да го направи подносливо, го провоцира гледачот да размисли за сопственото поимање на убавината и страдањето. Сопственото тело го користи како метафора за општествената борба, при што отелотворува претстави за личното, политичкото и поетското. Вкрстувајќи ја љубовта и болката, Франко Б покажува дека човечноста, како состојба, може да се подобри.





