Оскаровска ноќ за „Медена земја“
Во театарот „Долби“ во Лос Анџелес ноќеска ќе бидат соопштени добитниците на Оскар за 2019 година во 24 категории, според гласањето на членовите на Американската филмска академија кое заврши во вторникот.
„Медена земја“ е на чекор до Оскар во категориите документарец и интернационален филм. Петчлената авторска екипа – режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и протагонистката во филмот – пчеларката Атиџе Муратова ќе бидат меѓу холивудската елита на свеченоста на 92-рото доделување на најпознатата филмска награда.
По 25 години нашата земја повторно има филм во трка за Оскар, првпат се случува да имаме две номинации, а првпат и во историјата на Американската академија документарен филм е номиниран во две категории.






