Овогодинешните награди „Златен глобус“ ќе бидат без црвен тепих и директен пренос
Ќе отсуствува публиката, но и номинираните. Во просторијата за време на прогласувањето на победникот во секоја категорија ќе има само „избрани“, кои за да стигнат таму мора да бидат вакцинирани со трета доза.
Доделувањето на престижните награди „Златен глобус“, што ќе се одржи оваа недела на 9 јануари во Лос Анџелес, ќе биде многу поскромно од изминатите неколку години. Пандемските мерки, но и наводната корупција предизвикаа бројни последици поради кои овој настан ќе се одвива во малку поинаков стил.
Освен наградите, црвениот тепих и креациите во кои ѕвездите ќе прошетаат пред камерите отсекогаш биле најважниот дел од настанот. Секундите нестрпливо се одбројуваа до преносот во живо, ѕвездите се подготвуваа, а јавноста исчекуваше. Но, оваа година ќе го нема сиот тој гламур и нетрпеливост, бидејќи нема да има црвен тепих и пренос во живо.




