Настани
Роденденски концерт на оркестарот на Филхармонија
Во четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Азно“ со кој ќе одбележи 78 години од формирањето на институцијата.
На роденденскиот концерт како солист ќе настапи Кирил Трусов, еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена во моментов. Солистка е и македонската обоистка Гордана Јосифова Неделковска. Диригент е маестро Борјан Цанев, а на програмата се дела од Јохан Себастијан Бах, Макс Брух и П.И.Чајковски.
Како многу други концерти кои ги напишал Јохан Себастијан Бах, така и Концертот за виолина и обоа во де-мол претставува адаптација, односно транскрипција на концертите кои ги напишал за чембало. Рециклирањето на музиката за чембало која ја напишал Бах била вообичаена практика, со која дополнително се згуснувала изведбата на неговите дела. Разликите во партитурата напишана за чембало и мелодиските карактеристики наведуваат дека Бах го пишувал за два контрастни соло инструменти, кои силно сугерираат дека неговиот иницијален избор уште на почетокот биле виолината и обоата. Тие нудат имагинативна звучна комбинација, а нивните различни бои во овој концерт никогаш не бледеат. Концертот ја следи типичната италијанска барокна структура: има три ставови, брз-бавен-брз. Во него можат да се забележат и други инспирации од италијанскиот барок – креирањето мелодии во стилот на арија и силниот ритмички пулс.




