Настани
Техно великанот Бен Клок ја предводи главната бина на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ!
ТАКСИРАТ ја закажа својата главна вечер на 7 декември кога во Арена Борис Трајковски ќе биде официјално затворено годинашното, 24-то издание на Фестивалот и тоа со настапот на апсолутниот симбол на берлинската техно сцена, врвниот диџеј и продуцент BEN KLOCK (Бен Клок) – несомнено еден од најзначајните ликови на модерната електронска музичка сцена!
Тој е еден од најпознатите резиденти на култниот клуб „Бергјахн“, во 2015 година ја освои врвната награда за диџеи, „BBC’s Essential Mix of the Year“, изминатата деценија е на врвот на сите анкети на публиката, а и неговата самостојна издавачка куќа „Klockworks“ е високо ценета. Оваа година неговиот уникатен сет е резервиран за затворањето на ТАКСИРАТ, со настап надополнет со висока продукција кој ни гарантира повеќесетилно искуство.
Покрај Бен Клок,од светската сцена, главната бина на „Таксират“ годинава ќе ни претстави и два премиерни настапи кај нас и тоа британската трап-џез сензација IAMDDB и култниот германски треш-метал бенд SODOM; како и каталонците LA PEGATINA кои се враќаат пред македонската публика со ново шоу! Од регионот ни пристигнува најпопуларниот инди-бенд БУЧ КЕСИДИ, додека пак од домашната музичка сцена за прв пат на Таксират ќе настапи македонскиот рап синоним ЗАД АГОЛОТ!




