Настани
Се одржа втората конференција „Родова еднаквост на работното место“
По повод Меѓународниот ден на еднакви плати, во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје се одржа Конференција на тема „Родова еднаквост на работното место”, организирана од Алијанса за родова еднаквост на работното место – ГЕА, иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ. Конференцијата се организираше со поддршка на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, финансиран од УСАИД, а спроведуван од Консалтинг за стратешки развој (КСР).
Овогодинешната конференција со наслов “Родова еднаквост на работното место” ја следеше мисијата на Алијансата за родова еднаквост и се зборуваше за еднакви можности, еднаква застапеност без дискриминација и еднакво вреднување на трудот на жените и мажите. Беа споделени податоци кои говорат дека се уште сме далку од постигнување родова еднаквост на работното место, но се дискутираше и за мерки и политики кои се преземаат како и за предлози за постигнување на прогрес на ова значајно прашање. Дополнително, преку споделување на добри практики и претставување на компаниски рол-модели, конференцијата го поддржа активното вклучување на компаниите во промовирањето на еднаквиот статус на жените и мажите на работното место и во општеството.







