Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Скопски моден фестивал обедини познати македонски и балкански дизајнери (ФОТО)

Настани

Скопски моден фестивал обедини познати македонски и балкански дизајнери (ФОТО)

Последниот викенд од месецот септември мина во знакот на третата интернационална сезона на културно-забавната манифестација Skopje Fashion Festival во партнерство со Државна Лотарија, каде илјадниците гости и посетители имааа ретка можност на едно место да ги проследат ревиските претставувања на ексклузивни колекции со потпис на повеќе звучни имиња од земјата и регионот, проследени со музички и сценски настапи на популарни ѕвезди и млади таленти во рамки на тридневната програма на настанот.

Скопски моден фестивал официјално започна со атрактивно модно шоу на ЕЛЕНА ЛУКА, како специјална гостинка за свеченото отварање, а пред бројната публика на настанот прикажа врвен „моден коктел“ од уникатни дизајнерски парчиња од повеќе нејзини препознатливи колекции и линии што оставиле силен моден печат. Од париски шик до луксузни свечени тоалети, дводелни трендовски костуми во диско фазон и авангардни капути, ЕЛЕНА ЛУКА успеа да направи моден микс преку кој ни раскажа приказна за една модерна дама која не се плаши да одговори на сите предизвици во животот, а притоа знае да се забавува и да ужива во сите негови убавини.

„ЕЛЕНА ЛУКА сите овие години наназад изгради животен стил со своја исклучителна вредност и препознатливост и стана дом и семејство на многумина, што ми е особено значајно. Навистина сум горда, среќна и задоволна што го донесовме духот на светската мода кај нас, а со секоја наредна колекција и проект, го надградуваме. На Скопскиот моден фестивал се појавуваме на покана на организаторите, како специјални гости, па во тој контекст направивме една симболична компилација со препознатливи и авангардни модни парчиња од повеќе линии, секое со своја уникатна приказна, прикажувајќи ја моќната, успешна, смела жена која самоуверено чекори низ сите предизвици во животот. Би рекла, еден „моден коктел“ помеѓу актуелните тенденции и силната дизајнерска препознатливост на ЕЛЕНА ЛУКА“, изјави г-ѓа Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на брендот.

На големата сцена премиерно ја лансираше деби колекцијата новиот бренд СЕРБЕЗ,  креиран од тим инспириран од жените кои твореле и го менувале светот и „сербезлукот“ на жената како слободно, силно и самостојно битие. Сербез е бренд каде едноставноста се среќава со смелоста, давајќи и сосема поинаква димензија и естетска реинтерпретација на класичната бела памучна кошула, како со оригиналниот дизајн, така и со визуелниот приказ на моделите. Пред македонската јавност одново се претстави и познатата косовска дизајнерка YLLKA BRADA, овојпат со унисекс колекцијата „UNITY: F/W 23“, која ги редефинира модните норми и прегрнува инклузивноста, со избор на раскошно крзно, смел латекс и пријатни волнени ткаенини, кои создаваат впечатлива рамнотежа помеѓу опулентноста и иновативноста. Креациите ве покануваат да го прифатите вашиот уникатен стил и да се обедините со другите во славењето на духот на различноста.

Премиерно учество на фестивалот имаше и модната куќа BIANKA SPOSA, oснована од визионерската дизајнерка Салије Муладаути, каде соништата добиваат форма, а љубовта е скроена во секој шев од гламурозните венчаници, кои ја отелотворуваат грациозноста и индивидуалноста. Новата колекција пак, докажа дека нивната уметност се протега и надвор од невестинската мода, влегувајќи во царството на ноќните свечени фустани кои зрачат со софистицираност и привлечност. По успешната презентација на Feeric Fashion Week во Сибиу, Романија, за првпат на домашно тло блесна групата од единаесет надежни и перспективни млади дизајнерки: Оја Осман, Луна Аврамовска, Есра Фазлији, Сара Саид, Христина Ѓорѓиева, Берна Ахмед. Ебру Калинка, Хава Јахја, Маригона Рахмани, Суреја Јакупи и Ринеса Ахмети, студенти од прва и втора година на  студиската програма за моден дизајн, при Фактултетот за Уметност и Дизајн на Универзитетот INTERNATIONAL BALKAN UNIVERSITY.

Природата е неисцрпен извор на инспирација за дизајнерот. Грижата за околината е одговорност на сите учесници во модната индустрија, а со тоа и на модните дизајнери. Денес, повеќе од било кога, дизјнерот ја превзема улогата на заштитник на природата. Современиот дизајнер носи намерни, свесни и одговорни одлуки со цел постигнување одржлив дизајн. Насловена како ,,Natural liberty’’, ова е второ претстaвување на студентската ревија, по поканата и учеството на Ферик модната недела во Романија, во јули оваа година. Студентите од прва и втора година работеа на тема ,,Природа’’, делувајќи од естетски, функционален и ергономски аспект. Студентите од прва година редизајнираа стара облека, давајќи ѝ нов живот, како не би постанала дел од текстилните депонии. Студентите од втора година се инспирираа од формите и феномените на природата, изнаоѓајќи начини да ја инкорпорираат и интерпретираат природата преку нивната работа.“, истакнаа претставниците на Меѓународниот балкански универзитет.

Бура од аплаузи на третата фестивалска вечер предизвика ИВАНА КНЕЗ, која по пет години ревиска пауза, се врати како само таа умее под рефлекторите на големата сцена, докажувајќи зошто епитетот „драма“ совршено прилега на нејзиното име. Од А-Ш! Не е модна ревија, туку костимски концепт на нејзината работа. Трендот има рок на траење, а дизајнерката е повеќе заложбеник на стилска интерпретација на индивидуалноста. Без сезона, без претенциозно посветување на одреден тип на жена, Кнез овој пат се заложува за сите жени, секоја една која има храброст да љуби, да освојува, да има сила да преболи и продолжи. За „нејзините“ совршени жени, оние кои имаат и кои немаат, кои се плашат, ама не дозволуваат стравот да ги проголта, туку тие наоѓаат начин да веруваат во себе и да продолжат понатаму. За жените кои веруваат во љубов и имаат надеж за подобра иднина.

Белата ноќ во метрополата, специјално за љубителите на машката мода, ја збогатија два комплетно различни дизајнери од Србија. DJORDJE BASCAREVIC и колекцијата  со назив „Off the season“ за 2024 година, донесе еклектичен микс на референци, силуети и стил. Под влијание на јапонскиот минимализам, но и на средноевропскиот андерграунд уличен стил и електронската музика, оваа колекција е уметничко претставување на терминот „мека машкост“ и ги редефинира кодовите на класичната естетика на машка облека. Во колекцијата доминираат рамните форми, функционалноста и елементите на женската мода. Креациите се изградени од повеќе слоеви, стилизирани со црни ремени. Градацијата на боите во колекцијата започнува од светла палета на беж, сива и бела боја со акцент во корално црвена, потоа се трансформира во темни нијанси на морнарско сина, кафена и зелена, а завршува со црна боја.

За првпат во нашата земја со брендот MARTINI VESTO BY BOSKO гостуваше и легендарниот српски водител, долгогодишен модел и наградуван моден дизајнер БОШКО ЈАКОВЉЕВИЌ, чија колекција го отсликува поривот на неговата креативна работа,  да се отфрли стереотипот дека машките одела се наменети само за формални прилики, повикувајќи се нивната приспособливост и шарм. Костумите се адаптирани на уличната мода и секојдневниот машки стил со диференцирање на боите, формите и материјалите. Финалето на третата сезона на Skopje Fashion Festival го означи брендот LA MAISON CECE T., понудувајќи целосно поинаква естетика од претходното учество на манифестацијата, што е и очекувано од дизајнерката СВЕТЛАНА ТРПЕВСКА, бидејќи нејзините колекции се секогаш различни и непредвидливи, а последната уште еден нов предизвик, со доминација на златната и црната боја, како и впечатливи кожени детали.

Како музички гости на фестивалот, публиката ја забавуваа под дивата ЕЛЕНА РИСТЕСКА, талентираните изведувачи МИНА БЛАЖЕВ, ЈОСИФ И ДАРКО ГРОЗДАНОВСКИ, групата MARSHAL TITO BAND, диџеите DJ MARIO TRUMPET и DJ FICHO, а најпријатното изненадување за присутните гости беше ТАМАРА ГРУЈЕСКА, овогодинешната македонска претставничка на детската Евровизија, која ги освои симпатиите на посетителите со моќниот глас, облечена во креација на познатиот домашен бренд КТН. Официјален партнер на третата сезона на Скопски моден фестивал е Државна Лотарија. Настанот е дел од програмската селекција на Бела Ноќ во организација на градот Скопје.

Официјални партнери за шминка и убавина на настанот се FABUspot, застапени со премиум брендовите: MAC, Bоbbi Brown, Burberry, Clarins, Estée Lauder, Shiseido и Foreo. Официјални партнери за фризура и нега на коса на фестивалот се Dakalama, со широката палета на производи од: K18, Revlon Professional, Glynt и Reuzel. Чевлите за сите ревии се од мултибренд понудата на N Fashion и Peko. На интернационалните гости, срдечно добредојде им посака тимот на G Hotelс, а за вкусните закуски позади сцената, пекарата Специјал го имаше добитниот рецепт. Моделите и гостите се освежуваа со минералната вода REY, а наздравуваа со сортните вина на Tikves. Сопственик на лиценцата и организатор на модниот настан Skopje Fashion Festival е маркетинг агенцијата МAX Management Inc. Фотографиите се дело на Бојан Стоилковски и Џоле Миловски.

This slideshow requires JavaScript.

Повеќе од Настани

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.