Актуелно
Утре ќе се одржи најголемото 7. издание на Конференцијата за е-трговија со повеќе од 700 домашни и странски гости
Сѐ е подготвено за 7. издание на Конференцијата за е-трговија која ќе се одржи утре, во Националната опера и балет во Скопје, под мотото „E-commerce: Untangling Potential”.
Врвни и еминентни експерти од големите светски брендови ТикТок, Опен АИ (креаторот на Чет ЏПТ), Кларна, Заландо, Виза, но и претставници од едни од најуспешните регионални бизниси ќе бидат дел од најавената висококвалитетна програма кои преку предавања, панел дискусии и разговори ќе ги пренесат своите експертизи и искуства од областа на е-трговијата, вештачката интелигенција, дигитализацијата и дигиталниот маркетинг.
И оваа година конференцијата има регионален карактер и е најголема досега – на истата ќе присуствуваат повеќе од 700 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори и менаџери на компании и владини и невладини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Грција и Бугарија што ја прави уникатна и единствена во регионот.



