Настани
„Спушти се доле“ – Концерт на Слаткаристика и Тони Зен на 5 април во Скопје
Скопје се буди! Урбаната сцена повторно ќе пулсира со енергијата на двајца од највлијателните артисти на македонскиот хип-хоп, Тони Зен и Слаткаристика. Два гласа, две приказни, две икони – повторно заедно на иста сцена и заеднички концерт на 5 април во арена „Борис Трајковски“ за спектаклот „Спушти се доле“.
Тони Зен и Слаткаристика беа имињата кои го држеа македонскиот хип-хоп на пиедесталот, создавајќи култни хитови што го дефинираа идентитетот на една цела генерација. Тие беа гласот на генерацијата што живееше и дишеше урбано – стиховите од нивните песни беа наши мисли, нивниот ритам беше нашиот живот. По години на индивидуални успеси, креативни експерименти и личен раст, Тони Зен и Слаткаристика решија да се вратат таму каде што сè започна – заедно на сцена. Но овој пат, не само за да го оживеат минатото, туку за да создадат нешто сосема ново. „Спушти се доле“ е повеќе од обичен концерт, не е само музички настан, туку вистинска урбана револуција – гласен повик за враќање на времето кога зборовите беа оружје, а римите резонираа како животни лекции.
На 5 април очекувајте вечер исполнета со беспрекорна енергија, хип-хоп химни и изненадувања што ќе ги спојат старите со новите генерации. Ова е моментот кога сите урбани приказни, сите скопски легенди и сите „раперски“ мечти ќе се соберат на едно место. За фановите кои растеа со нив, ова е патување назад во времето, а за новата публика – шанса да го почувствува она што некогаш беше „златната ера“ на македонскиот хип-хоп.





