Настани
Светски познатиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ и камерниот оркестар „Профундис“ ќе настапат во Филхармонија на 16 октомври
Виртуозниот Роман Симовиќ – концерт-мајстор на Лондонската филхармонија и камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ќе настапат на концертниот спектакл „РОМАН“ на 16 октомври во големата сала на Македонската филхармонија со почеток во 20:30 часот.
На денешната прес-конференција по повод најавениот концерт беа презентирани деталите за овој спектакуларен настан.
– „ Концертот дефинитивно го најавивме како спектакл поради повеќе аспекти, првиот е брилијатноста во изведбата на светски прославениот Роман Симовиќ, концерт-мајстор на престижната Лондонска филхармонија и еден од моментално водечките виолинисти во светот, чие гостување како солист на нашиот концерт уште еднаш го потврдува статусот на „Профундис“ како водечки уметнички камерен состав во Македонија, но и во регионот. Понатаму, уникатноста на програмата, па така на големата сцена на Филхармонија ќе прозвучат делата на тројцата најголеми британски композитори Вилијам Волтон, Вилијам Лојд Вебер и Ралф Вон Вилијамс, како и спектакуларните 4 годишни времиња од Астор Пјацола. Сето ова, проткаено со финеси и грациозност само какви што може да отсвират Роман Симовиќ и „Профундис“ се гаранција за концертен спектакл кој со сигурност ќе ги воодушеви присутните.“ – изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на камерниот оркестар.







