Настани
„Трчај Бе“: Професионалци и рекреативци ја трчаа Битола која се развива во спортска туристичка дестинација
Најмасовниот спортски настан, кој по четврт пат ја става Битола на мапата на градови со трки, синоќа се одржа пред бројна публика која од раните утрински часови на патеките ги бодреше 1.500 учесници, од дури 17 држави. Атлетски ѕвезди, пасионирани рекреативци, јавни личности, политичари, компаниски тимови, а трчаа заедно и цели семејства и поединци кои одлучија да ги истрчаат битолските улици, па преку Широк Сокак да влезат во целта со своите миленици.
Ако минатата година, градот домаќин беше балканска метропола на трчањето, заради одржувањето на Балканското првенство во полумаратон, од оваа може да се каже дека развива настан кој брзо може да стане спортска туристичка дестинација, од пошироки размери, на која годинава зедоа учество бројни тимови на меѓународни компании, кои токму овој настан го избраа за викенд тим билдинг активности.
-Уште кога ја планиравме првата ТРЧАЈ БЕ, пред повеќе од четири години најголемиот предизвик ни беше, како да направиме трка од која сите ќе бидат задоволни. Започнувајќи од професионалните и рекреативни тркачи, до публиката и спонзорите. Од првата година учесниците се среќни, тоа е факт, но растот на трката буди сериозен интерес кај спонзорите што зборува за потенцијалите за раст на настанот. Во градот немаше нити едно слободно место во хотелите, угостителите имаа исто за овој период од годината зголемена фреквенција. Неколку илјадна публика, специјално излезена низ улиците и кафулињата во градот за да ги бодри тркачите, од раните утрински часови и оваа година е најубавиот знак дека сме го направиле вистинскиот потег. Градот Битола, го сака ТРЧАЈ БЕ – истакна Никола Димитровски, директор на трката.







