Настани
Започнуваат ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ – 12 дена фолклор од регионот, Европа и САД на отворено во Битола
„Од корените до цветот“ тоа е мотото на 52 издание на Фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“ кој на денес започнува во Битола и ќе трае цели 12 дена.
Со најобемна програма досега, која за прв пат вклучува и Интернационален фестивал на етно филмови, па ќе следуваат работилници, изложби и стручен симпозиум кои ќе бидат убав вовед во фестивалските вечери, кои повторно со големото дефиле по улиците на Битола стартуваат на 26 и ќе завршат на 30 јули, испланирани се до детал сите фестивалски денови кои на едно место ќе соберат над 1.000 учесници.
„Оваа година започнуваме порано, а поводот е навистина посебен. Иницијативата во рамките на фестивалот да заживее и филмот како медиум, ја реализиравме и од годинава Илинденски денови се и организатори на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој носи 11 филмски наслови од кои 6 се долгометражни. Селектор на фестивалот е познатиот македонски новинар кој живее во Франција, Тони Гламчевски и кој заедно со својата сопруга таму организираат фестивал кој ги надмина нивните национални граници. Оттука и сериозноста на овој проект, кој со таа поддршка оттаму, дава сериозни намери и за локалната домашна филмска продукција да го негува етно жанрот, зошто конечно истиот добива свој фестивал кај нас„- истакна директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска Илијевски по повод 52 издание на Илинденски денови.




