МК Сцена
Премиера на „Евгениј Онегин“ – почнуваат 44. Мајски оперски вечери
Со премиера на операта „Евгениј Онегин“ според поемата на Александар С. Пушкин, музика на Петар Илич Чајковски и во режија на Дејан Пројковски, вечер во Македонската опера и балет ќе бидат отворени 44. Мајски оперски вечери.
„Евгениј Онегин“ ќе биде изведена по пауза од 34 години. Режисерот Пројковски минатата недела на прес-конференција истакна дека таа е голем сон за секој режисер и опера за која, како што рече, се потребни лудост и храброст, како за секое големо дело, и преиспитување на авторската зрелост.
– Направивме оперска претстава која како главен лајт-мотив ја има фаталноста. Работејќи на операта во овие месец и половина, се занимаваме со љубовта и страдањето на Онегин, Татјана, Олга и Ленски, обидувајќи се да ги пронајдеме клучните зборови кои ќе не водат: солзи, страв, каење, колнењето на вечната љубов и на крајот сите тие гребаници и бесконечни траги кои остануваат на срцата на сите нив. Направивме, би рекол, една жестока оперска претстава благодарение на сите солисти во претставата, рече Пројковски.




